УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ТРГОВИЈА

Почитувани,

Владата на РСМ во „Службен весник на РСМ“ бр.103/20 објави Уредба со законска сила за примена на Законот за трговија која ќе се применува за време на траење на вонредната состојба.

Со оваа уредба се пропишува начинот и постапките за поставување на ред и дисциплина при влез и во внатрешноста на објектите во кои се врши трговија на мало - продавници, самопослуги, маркети, пекари и слично (во понатамошниот текст: објекти), за време на траење на вонредната состојба.

Согласно донесената уредба:

  • Трговецот е должен да обезбеди редарска служба при влезот и во внатрешноста на објектот, за да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и во објектот, и да обезбеди спроведување на дезинфекција за раце при влез во објектот.
  • Трговецот е должен да постави соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на лицата пред и во објектот. Ознаките се поставуваат на растојание од два метри и тоа: пред секоја каса за наплата и пред влезот на објектот.

Државниот пазарен инспекторат ќе врши инспекциски надзор над спроведување на одредбите на оваа уредба со законска сила.

Оваа Уредба влегува во сила и почнува да се применува од 16 Април 2020 година.