УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ЛИЗИНГ

Почитувани,

Владата на РСМ во „Службен весник на РСМ“ бр. 90/20 објави Уредба со законска сила за примена на Законот за лизинг за време на вонредна состојба која е во сила и примена од 4 Април 2020 година и ќе се применува за време на траење на вонредната состојба објавена во (“Службен весник на РСМ“ број 68/20).

СО УРЕДБАТА СЕ ПРЕДВИДУВА:

Договори со физички лица

Во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година физичките лица кои се корисници на финансиски лизинг по договорите за финансиски лизинг кои се склучени заклучно со 31 Март 2020 година да ги плаќаат обврските на месечен ануитет намален за најмалку 70% од редовниот месечен ануитет. Во истиот период давателите на финансиски лизинг не смеат да пресметуваат и наплатуваат надоместоци, трошоци провизии и/или казнени камати.

Обврските по основ на помалку платени ануитети во периодот од 1 Април до 30 Јуни 2020 година се одложуваат за најмалку 90 дена, или рамномерно се распоредуваат во месечните ануитети кои ќе доспеат по 30 Јуни 2020 година.

Во периодот од 1 Април до 30 Јуни 2020 година давателите на финансиски лизинг можат да ги менуваат и другите услови од договорите за финансиски лизинг склучени до 31 Март 2020 година само заради олеснување на условите.

Договори со правни лица

Давателите на финансиски лизинг можат да ги олеснат условите од договорите за финансиски лизинг склучени со правни лица заклучно со 31 март 2020 година, врз основа на барање од правно лице корисник на финансиски лизинг поднесено во периодот од 1 Април до 30 Јуни 2020 година.

Промена на условите во договорите за финансиски лизинг

За промена на условите од договорите за лизинг спрема физичките и правните лица, давателите на финансиски лизинг постапуваат согласно член 2 од Уредбата со законска сила за начинот на промена на договорни услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците (Службен весник бр. 80/20) и тоа:

  • на своите интернет страници објавуваат известување за понуда за промена на условите за лизинг и/или преку електронска и/или писмена комуникација ги известуваат поединечните должници за понудата.

За физичко лице доколку во рок од 10 дена од приемот на понудата, не го извести давателот на лизинг писмено или електронски дека ја одбива понудата, се смета дека понудата е прифатена, освен доколку во понудата не е поинаку определено.

За правните лица треба во рок од 10 дена од приемот на понудата, да го извести писмено или електронски давателот на лизинг дали ја одбива или прифаќа понудата, во спротивно се смета дека понудата не е прифатена.

Нови договори за лизинг по 1 Април 2020

Договорите за финансиски лизинг што ќе се склучат во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година можат по барање на корисниците на лизинг да се склучат со грејс период од три месеци. Во грејс периодот давателот на финансиски лизинг може да пресметува само договорна камата.

Останати одредби

Давателите на финансиски лизинг се должни во рок од пет дена од денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила да донесат интерен акт за спроведување на оваа уредба со законска сила.

На давателот на финансиски лизинг кој нема да постапи согласно со одредбите од оваа уредба со законска сила Mинистерството за финансии со решение ќе му ја одземе дозволата за основање и работа.