УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ИЗВРШУВАЊЕ

Почитувани,

Владата на РСМ во „Службен весник на РСМ“ бр. 86/20 објави Уредба со законска сила за примена на Законот за извршување за време на вонредната состојба со која се уредува дека, од денот на влегување во сила на оваа уредба па до 30 Јуни 2020, Законот за извршување нема да се применува освен во одредени случаи.

Во овој период, извршителите се должни да запрат со преземање на било какви извршни дејствија, освен:

  • во предметите за побарувања врз основа на законска издршка,
  • распределбата на средствата пристигнати на нивните посебни сметки, доколку за тоа се исполнети законските услови,
  • дејствијата кои следат по наплатата на средства од должникот, успешно спроведени јавни надавања, или продажби со непосредна спогодба,
  • примање на барања за извршување и електронско евидентирање во Уписникот за примени барања за извршување,
  • изготвување на барања за податоци и информации за испитување на економската состојба на должниците и електронска достава до институциите,
  • изготвување на налог за извршување врз недвижност и електронска достава до јавната книга заради прибележување на налогот, и
  • изготвување на налог за забрана за располагање и оптоварување на хартии од вредност и електронска достава до Депозитарот за хартии од вредност.

Работодавачите на должниците, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија и носителите на платен промет се должни да запрат со постапување по издадените налози од страна на извршителите, во периодот од влегување во сила на оваа уредба со законска сила па до 30 Јуни.

По поднесените приговори за незаконитости при извршувањето согласно член 86 од Законот за извршување, основните судови во Република Северна Македонија, се должни да донесат решенија, а Апелационите судови да одлучат по поднесените жалби против решението на судот по приговор согласно член 87 од Законот за извршување, заради создавање услови за непречена распределба на средствата пристигнати на посебните сметки на извршителите.

Оваа уредба влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на РСМ“ односно на 01.04.2020 година.