УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ФИНАНСИСКИТЕ ДРУШТВА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Почитувани,

Владата на РСМ во „Службен весник на РСМ“ бр. 90/20 објави УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ФИНАНСИСКИТЕ ДРУШТВА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА која е во сила од 4 Април 2020 година и ќе се применува за време на траење на вонредната состојба објавена во (“Службен весник на РСМ“, број 68/20).

Одредбите од оваа Уредба со законска сила ќе се применуваат на договорите и на промените на договорните услови за кредит, гаранции, кредитни картички и преземени побарувања (кредити) спрема физичките и правните лица, како и спрема солидарните должниции заложните должници врз основа на кредити.

СО УРЕДБАТА СЕ ПРЕДВИДУВА:

Договори за кредити со физички лица

Во периодот од 1 Aприл до 30 Jуни 2020 година физичките лица кои се корисници на кредити по договорите за кредит кои се склучени заклучно со 31 Mарт 2020 година да ги плаќаат обврските на месечен ануитет намален за најмалку 70% од редовниот месечен ануитет, а финансиските друштва не смеат да пресметуваат и наплатуваат надоместоци, трошоци, провизии и/или казнени камати.

Периодот на отплата, односно рокот за плаќање на месечните ануитети по договорите за кредитите се продолжува за најмалку 90 дена по истекот на периодот (1 Aприл - 30 Jуни 2020).

Обврските по основ на помалку платени ануитети во периодот од 1 Април до 30 Јуни 2020 година се одложуваат за најмалку 90 дена, или рамномерно се распоредуваат во месечните ануитети кои ќе доспеат по 30 Jуни 2020 година.

Во периодот од 1 Aприл до 30 Jуни 2020 година финансиските друштва можат да ги менуваат и другите услови од договорите за кредит само заради олеснување на условите.

На корисниците на кредити кои во периодот од 1 Aприл до 30 Jуни 2020 година редовно ќе ги отплаќаат кредитите, без оглед дали го користат правото на намалување на ратите, финансиските друштва можат да им дадат поволности во однос на отплатата на кредитот.

Договори за кредити со правни лица

Финансиските друштва можат да ги олеснат условите од договорите за кредит склучени со правни лица заклучно со 31 Март 2020 година врз основа на барање од правно лице – корисник на кредит поднесено во периодот од 1 Април до 30 Јуни 2020 година.

Промена на условите во договорите за кредит

За промена на условите за кредит, финансиските друштва доставуваат понуда до корисниците на кредити согласно член 2 од Уредбата со законска сила за начинот на промена на договорни услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 80/20) и тоа:

  • на своите интернет страници објавуваат известување за понуда за промена на условите за кредит и/или преку електронска и/или писмена комуникација ги известуваат поединечните должници за понудата.

За физичко лице доколку во рок од 10 дена од приемот на понудата, не го извести финансиското друштво писмено или електронски дека ја одбива понудата, се смета дека понудата е прифатена, освен доколку во понудата не е поинаку определено.

За правните лица треба во рок од 10 дена од приемот на понудата, да го извести писмено или електронски финансиското друштво дали ја одбива или прифаќа понудата, во спротивно се смета дека понудата не е прифатена.

Нови договори за кредит по 1 Април 2020

Договорите за кредит што ќе се склучат во периодот од 1 Април до 30 Јуни 2020 година можат по барање на корисниците на кредитите да се склучат со грејс период од три месеци. Во грејс периодот финансиското друштвото може да пресметува само договорна камата.

Финансиските друштва се должни:

  • Во рок од 5 дена од денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила да донесат интерен акт за спроведување на оваа уредба со законска сила.
  • Во рок од 15 дена од денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила да ги прилагодат интернет платформите согласно оваа уредба со законска сила.
  • На финансиското друштво кое нема да постапи согласно со одредбите од оваа уредба со законска сила Mинистерството за финансии со решение ќе му ја одземе дозволата за основање и работа.