УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ДОНАЦИИ И СПОНЗОРСТВА ВО ЈАВНИТЕ ДЕЈНОСТ

Почитувани,

Владата на РСМ во „Службен весник на РСМ“ бр.103/20 објави Уредба со законска сила за примена на занокот за донации и за спонзорства во јавните дејности која ќе се применува за време на траење на вонредната состојба.

Со оваа уредба се пропишува начинот за утврдување на јавниот интерес и за остварување на даночното поттикнување за донациии во јавните дејности, за време на траење на вонредната состојба.

Согласно донесената уредба:

За дадена донација на буџетските корисници, која донација е со цел да се решат состојбите што се предизвикани на територијата на Република Северна Македонија од Коронавирусот COVID 19, не се спроведува постапка за потврдување на јавен интерес во Министерството за правда. Јавниот интерес за ваквата донацијата се смета за утврден согласно со оваа уредба.

За секоја друга донација во јавните дејности постапката за потврдување на јавниот интерес се спроведува во хартиена форма или по електронски пат. Барањето за потврдување на јавен интерес се поднесува во хартиена форма или во форма на електронски или дигитализиран документ, а документацијата што се доставува во прилог на барањето, се доставува во хартиена форма или во дигитализирана форма согласно членот 9 од Законот за електронски документи електронска идентификација и доверливи услуги.

Членот 9 од Закон за електронски документи електронска идентификација и доверливи услуги уредува:

(1) Дигитализираниот документ ја има истата правна и доказна сила како оригиналниот документ, ако:

1) дигитализацијата на документот е извршена под надзор или од страна на:
- физичко лице или овластено лице на правно лице којшто го создал документот што е предмет на дигитализација или
- лица кои се овластени да ракуваат со документи во кои се содржани потписи, ракописи или записници, согласно со прописите од областа на архивското и канцелариското работење или
- лица кои се овластени со закон да го потврдат дигитализираниот документ и

2) идентичноста на дигитализираниот документ со оригиналниот документ е потврдена со квалификуван електронски печат или квалификуван електронски потпис на лицата од точка 1) на овој член или лицето на кое се пренесени надлежностите врз основа на кои е донесен документот.


Барањето и документацијата во прилог на барањето, се доставуваат до архивата на Министерството за правда доколку се поднесуваат во хартиена форма, а доколку се доставуваат во дигитализирана форма се доставуваат до официјалната електронска пошта на Министерството за правда.

За дадената донација, Министерството за правда донесува решение во хартиена форма или во електронска форма потврдена единствено со електронски потпис на раководното лице или од него овластено лице или решение во дигитализирана форма согласно членот 9 од Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги.

Во постапката за потврдување на јавен интерес за донацијата, Министерството за правда врши прибавување и размена на докази и податоци по службена должност во електронска форма, согласно одредбите од Законот за прибавување и размена на докази и податоци по службена должност.

За остварување на даночното поттикнување за донација во финансиски средства кон буџетските корисници - приматели на донација од оваа Уредба со законска сила, чија цел е да се решат состојбите што се предизвикани на територијата на Република Северна Македонија од Коронавирусот COVID 19, физичкото лице - давател на донацијата, до Управата за јавни приходи, најдоцна до 31 Јануари во годината која следи по годината во која ги донирало средствата, доставува Извештај за донирани финансиски средства на буџетски корисник за време на вонредна состојба, на Образец „ДЛД-ФЛ-ИД/К19” (прилог кон уредбата) кон кој приложува:

  • Копија од договорот за донација,
  • Писмена потврда за примена донација,
  • Доказ за уплатени финансиски средства до Управата за јавни приходи преку системот „e-Персонален данок”.

За остварување на даночното поттикнување за донација во финансиски средства, добра и услуги кон буџетските корисници - приматели на донација, чија цел е да се решат состојбите што се предизвикани на територијата на Република Северна Македонија од Коронавирусот COVID 19, правното лице - давател на донацијата, до Управата за јавни приходи доставува даночен биланс кон кој приложува:

  • копија од договорот за донација,
  • писмена потврда за примена донација,
  • доказ за уплата на средствата.

Документацијата се доставува во електронска форма.

Буџетскиот корисник - примател на донација во финансиски средства, добра и услуги, чија цел е да се решат состојбите што се предизвикани на територијата на Република Северна Македонија од Коронавирусот COVID 19, е должен до 31 Декември 2020 година, до Управата за јавни приходи да достави извештај по електронски пат и во електронска форма за примени донации согласно оваа уредба со законска сила, кој треба да ги содржи следните податоци:

  • единствениот даночен број, односно единствениот матичен број на граѓанинот, називот, односно името и презимето на давателот на донацијата,
  • износот на донацијата во финансиски средства, износот на донацијата во добра и услуги, вкупниот износ на донацијата,
  • бројот и датумот на договорот за донација и
  • бројот и датумот на потврдата за примена донација.

За секоја друга донација во јавните дејности, опфатена со членот 2 од Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности („Службен весник на Републи- ка Македонија“ бр. 47/06, 86/08, 51/11, 28/14 и 153/15) која се дава за време на траење на вонредната состојба, со исклучок на донацијата спрема буџетски корисници чија цел е да се решат состојбите што се предизвикани на територијата на Република Северна Македонија од Коронавирусот COVID 19 , постапката за даночно поттикнување со враќање на данокот на додадена вредност се спроведува во хартиена форма или по електронски пат.

Барањето за враќање на данокот на додадена вредност на вршителот на прометот и документацијата што се доставува во прилог на барањето се поднесува до Министерството за финансии во хартиена форма или во електронска форма.

Кога предмет на донацијата се финансиски средства, барањето за враќање на данокот на додадена вредност се поднесува на образец (ЗДС/ФС-ДДВ), пропишан со Правилникот за начинот на спроведување на даночното поттикнување кога примател на донација добива финансиски средства и истите ги користи за плаќање на набавки на добра и услуги со цел за реализација на јавниот интерес, како и формата и содржината на барањето за враќање на данок на додадена вредност на вршителот на прометот кога примател на донација добива финансиски средства и истите ги користи за плаќање на набавки на добра и услуги како и потребната документација („Службен весник на Република Македонија“ бр.78/14).

Кога предмет на донацијата се добра и услуги, барањето за враќање на данокот на додадена вредност се поднесува на образец (ЗДС/ДУ- ДДВ), пропишан со Правилникот за начинот на спроведување на даночното поттикнување при промет на добра и услуги од давателот кон примателот на донацијата, извршен за реализација на донација од јавен интерес, како и формата и содржината на барањето за враќање на данок на додадена вредност на вршителот на прометот, при промет на добра и услуги од давателот кон примателот на донацијата како и потребната документација („Службен весник на Република Македонија“ бр.78/14).

Кон барањата, се приложуваат следните документи како докази:

  • фактура во електронска форма (pdf или друг електронски формат) согласно Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на додадена вредност за време на вонредна состојба или фактура во хартиена форма од вршителот на прометот, за прометот на добра и услуги издадена кон примателот на донацијата, во која износот на данокот на додадена вредност е искажан во денари;
  • решение со кое се потврдува јавниот интерес на донацијата, во хартиена форма или во електронска форма потврдена единствено со електронски потпис на раководното лице или од него овластено лице или решение во дигитализирана форма согласно членот 9 од Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, донесено од Министерството за правда, и
  • копија од налог за јавни приходи (Образец ПП-50) за извршена уплата на данок на додадена вредност на соодветната уплатна сметка.

Кога барањата и пропратната документацијата се поднесуваат електронски и се доставуваат во електронска форма, поднесувањето се врши на посебна е-маил адреса утврдена од Министерството за финансии.

Министерството за финансии, во рок од седум дена од денот на доставување на барањата и документацијата, го потврдуваат приемот на комплетното барање.