МОЖНОСТ ЗА ИЗДАВАЊЕ НА ФАКТУРА ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА СОГЛАСНО ЗАКОНОТ ЗА ДДВ

Почитувани,

Владата на РСМ во „Службен весник на РСМ“ бр. 82/20 објави Уредба со законска сила за примена на Законот за данокот на додадена вредност која ќе се применува за време на траење на вонредната состојба со која даночните обврзници имаат можност фактурите, покрај во хартиена форма, да ги издаваат и во електронска форма. Ова е со цел да се олесни работењето на даночните обврзници, како и да се спречи користењето на хартија со цел намалување на ризикот од ширење на коронавирусот COVID-19.

Согласно Уредбата:

Електронска фактура преставува фактура во електронска форма (Pdf или друг електронски формат) кој ги содржи сите елементи согласно член 53 став 10 од Законот за данокот на додадена вредност и е доставена по електронски пат до примателот на прометот.

Вршителот на прометот кој има право да издава фактура во електронска форма треба да го извести примателот на прометот, преку електронска пошта, електронска порака и/или друг начин дека за време на траењето на вонредната состојба, фактурите и другите документи од членот 53 став 2 од Законот за ДДВ ќе ги издава во електронска форма.

Вршителот на прометот кој нема да го извести примателот на прометот ќе продолжи да издава фактури и други документи во хартиена форма.

Примателот на прометот во рок од 10 дена од приемот на известувањето има право да го извести издавачот на фактурата дека ја одбива формата на достава на електронските фактури. Ако по истекот на 10 дена од применото известување, примателот на прометот не ја одбие формата на достава, ќе се смета дека е согласен доставата на фактури да се врши по електронски пат со испраќање на фактура во електронска форма.

Фактурите издадени во електронска форма на примателот на прометот му даваат право на одбивка на претходниот данок согласно со членовите 33, 34 и 34-а од Законот за ДДВ, право на поделба на претходните даноци согласно со членот 36 од Законот и право на исправка на одбивката на претходниот данок согласно со членот 37.

Со фактурата во електронска форма треба:

  • да биде обезбедена автентичност на потеклото на фактурата на начин што примателот на фактурата може недвосмислено да утврди дека таа фактура е испратена од издавачот на фактурата;
  • да биде обезбеден интегритетот на содржина на фактурата на начин што применетата технологија и процедури да оневозможуваат промена на податоците во фактурата;
  • Да биде обезбедена читливост на фактурата, односно визуелна и разбирлива слика на издадената фактура на компјутерскиот екран или други електронски уреди на еднаков начин како и на хартија.

Обврзниците кои што издаваат и примаат фактури во електронски формат се должни да ги исполнат евиденциските обврски согласно член 52 од Законот за ДДВ односно истите да ги евидентираат во книгата за влезни/излезни фактури кои ја водат за цели на пресметување и плаќање на ДДВ.