ИЗМЕНA И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ТРГОВСКИ ДРУШТВА

Почитувани,

Владата на РСМ во „Службен весник на РСМ“ бр. 87/20 oбјави измени и дополнувањa на Уредбата со законска сила за примена на Законот за трговските друштва која што првично беше објавена во „Службен Весник на РСМ“ бр.79/20.

Со измените и дополнувањата:

1. Се утврдува начинот на распоредување на добивката остварена од финансиското работење во претходната деловна година од страна на трговските друштва кои се во целосна сопственост на државата.

Врз основа на оваа точка:
Добивката остварена од финансиското работење на трговските друштва кои се во целосна сопственост на државата, се уплаќа во Буџетот на Република Северна Македонија.
Владата на Република Северна Македонија донесува одлука за распоредување на добивката, врз основа на утврдена листа на трговски друштва во целосна или доминантна сопственост на државата, со потешкотии во работењето.

2. Се утврдува крајниот рок за исплата на дивидендата која што им се доделува на странски содружници, односно на странски акционери според правата што ги дава уделот, односно според родот и класата на акции, кај сите трговски друштва, за време на траењето на вонредната состојба.

Врз основа на оваа точка:
По одобрувањето на годишната сметка и на финансиските извештаи и утврдувањето на постоењето добивка за распределба, собирот на содружниците, односно собранието го определуваат делот којшто им се доделува на странските содружници, односно на странските акционери во форма на дивиденда, според правата што ги дава уделот, односно според родот и класата на акциите.

Органот на управување не може да исплати дивиденда на странски содружници, односно за странски акционери, за време на траењето на вонредната состојба.

3. Се утврдува дека одредбата за пресметување законска затезна камата од членот 487 став (6) од Законот за трговските друштва нема да се применува за време на траењето на вонредната состојба.

Врз основа на оваа точка:
На распределената дивиденда која нема да се исплати во рокот утврден согласно ЗТД нема да се пресметува затезна камата.

Членот 487 став (6) кој нема да се применува за време на траење на вонредната состојба гласи:
„Доколку дивидендата не се исплати во рокот од ставот (5) на овој член, по истекот на овој рок на износот на дивидендата која треба да им се исплати на акционерите се пресметува законска затезна камата до денот на исплатата на дивидендата“