ИНИЦИЈАЛЕН СЕТ НА МЕРКИ ЗА ПОГОДЕНИТЕ МАКЕДОНСКИ КОМПАНИИ: БЕСКАМАТНИ КРЕДИТИ ОД 3 ДО 30 ИЛЈАДИ ЕВРА, СУБВЕНЦИОНИРАНИ ПРИДОНЕСИ ЗА ВРАБОТЕНИТЕ, НАМАЛЕНА КАМАТНА СТАПКА ЗА КРЕДИТИ, ОСНОВАЊЕ НА ФОНД ЗА ПОДДРШКА НА ТУРИЗМОТ

Почитувани,

Владата на РСМ и Народната банка по повод справувањето со штетите предивикани со прогласување на пандемијата на коронавирусот - Covid 19 на вчерашната прес конференција објавија сет мерки за погодените македонски компании. Во прилог Ви ги испраќаме објавените иницијални мерки:

  1. Првата мерка се однесува на директна финансиска поддршка на ликвидноста кај микро, мали и средни компании од страна на Развојната банка на Северна Македонија. Обезбедени се вкупно 5.7 милиони евра со кои ќе се кредитираат директно компании поради неликвидност, односно компании чија што економска активност е погодена од коронавирусот. Секоја компанија, во зависност од бројот на вработени, ќе може да добие од 3 до 30 илјади евра. Микро компаниите, до 10 вработени, ќе може да подигнат кредит од 3 до 5 илјади евра, малите компании со 10 до 50 вработени, ќе може да подигнат кредит од 10 до 15 илјади евра и средните компании со 50 до 250 вработени, ќе може да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра. Овие кредити се бескаматни, со каматна стапка од 0 проценти! Грејс периодот на овие кредити ќе биде 6 месеци, а рокот на отплата 2 години.
  2. Втората мерка се однесува на поддршка за компаниите во делот на исплатата на плати. Субвенционирање на придонеси за вработените во компании од секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании, за месеците април, мај и јуни од 2020 година, со субвенција на придонеси по вработен во висина до 50% од просечна плата исплатена во 2019 година, под услов компанијата да не го намали бројот на вработените под бројот на вработени во месец февруари од 2020та година и ова да важи од денот на користење на мерката; понатаму, компанијата да не исплати дивиденда во текот на 2020 година, до денот на поднесувањето на годишна сметка, односно финансиски извештаи за 2020 година и компанијата да нема исплатено награда-бонус по влегување во сила на мерката. Само компаниите што имаат остварено добивка како финансиски резултат од работењето во 2020 ќе вратат субвенции за придонес во износ од 50% од добивката пред оданочување што значи дека мерката директно е насочена да им помогне на компаниите што оствариле послаби финансиски резултати во 2020 поради коронавирусот“.
  3. Намалувањето на основната каматна стапка на Народната банка на ниво од 1,75%.
  4. Ослободувањето од аконтациите од данок на добивка за фирмите од индустриите погодени од коронакризата за април, мај и јуни ќе ја помогнат ликвидноста на компаниите. Тука најпрво спаѓаат транспортот, туризмот, угостителството, а потоа и другите погодени компании од различни дејности погодени од превентивните мерки на Владата.
  5. Законската затезната камата ќе биде намалена за 50% во соработка со Министерството за правда (од 10 на 5% и од 8 на 4% а ќе биде променет и периодот за кој се зема предвид референтната каматната стапка која ја пропишува Централната банка, за да има поповлни услови во услови кога референтната каматна стапка се намалува).
  6. Намалување на казнената камата за јавни давачки од 0,03 % на 0,015% односно за 50%.

Дополнително Министерството за Финансии и УЈП ќе даде препорака на провајдерите за намалување на цените за одржување на фискалните каси за 50%. Препорака ќе се даде и на банките да ги намалат цените за плаќање на финансиските извештаи за ДДВ за прометот на сметките на фирмите.

Министерството за економија ќе достави до Владата и предлог за 100 процентно ослободување од царинските давачки за производите од брашно и пченица, масло сончогледово, бел шеќер, сапуни, детергенти, облека и прибор за облека, пелени за деца и возрасни и марамчиња, рачни капи во ролни, маски пластични со текстилен филтер, прекривки текстилни за хируршка употреба, одело хируршко од хартија, маски хартиени, одело заштитно гумено, ракавици гумени, хируршки и останати средства за дезинфекција, медицински алкохол, заштитни наочари.

Министерството за економија предлага сите средства кои се предвидени за развој, промоција и поддршка на туризмот да се пренаменат во Фонд за туризам со цел да се обештети туристичкото стопанство да ја пребродат кризата во согласност со бројот на вработени. Овој Фонд за туризам во моментов проценува на околу 74 милиони денари од кои 44 милиони денари се во рамки на програмите на Министерството за економија кои нема да бидат искористени, а 30 милиони денари се од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот“.